Бидејќи голем дел од тимот во нашата фирма има посебна симпатија кон домашните миленичиња решивме да одвоиме мало катче за сите наши лојални четворножни пријателчиња кои гравитираат во нашите аптеки заедно со нивните сопственици. Се уште не можеме да кажеме дека сме “pet friendly” аптека поради специфичноста на нашата дејност, но еве на овој начин ќе се обидеме да им посветиме малку внимание и љубов на лојалните ВИОЛА миленичиња.
Аптека Виола: Кој е Оги?
Оги: Мојата приказна почнува во Ниш, Србија. Скоро и да не се сеќавам на моите родители бидејќи многу млад сум посвоен од страна на една прекрасна фамилија од Скопје која се грижи за мене веќе 21 година односно по ваше 3 години. Безброј прошетки, забавни сончеви викенди и утрински чешкања се само дел од овие три години кои ги поминав во Скопје.
Аптека Виола: Со кого си најблизок?
Оги: Ова е тешко прашање. Многу ги сакам сите што се почесто околу мене, но најмногу за мене се грижи Дино и со него поминувам најмногу време.
Аптека Виола: Каде најчесто го поминувате времето кога сте на прошетка?
Оги: Сакам да одам на кафе во Кино Карпош, да си играм во парк со други кучиња, да прошетам на воздух до млечен и да гледам фудбал во Недела најчесто кај Бојан со повеќе другари.
Аптека Виола: Ти си едно од најпопуларните кучиња на Instagram. Твојот профил @ogithechamp има преку 3000 следбеници и таа бројка континуирано расте. Дали дозволуваш тоа да те промени како куче?
Оги: Секако дека не. Имаше некои такви шпекулации, но тоа не е вистина. Кучиња како кучиња ќе лаат, а караванот ќе си врви (се смее).
Аптека Виола: Од твојот профил се гледа дека навистина имаш динамичен живот. Што би издвоил?
Оги: Освојувањето на врвот Бакрдан на Шар Планина, Маскенбалот за 1ви Април 2016 и шетањето во паркот каде што беше забрането.
Аптеки Виола: Сега прашањето кое женската популација со нетрпение го очекува. Има ли Оги девојка?
Оги: Уффф тешко прашање… Во моментов немам ништо сериозно, а и во Скопје нема баш избор за мојата раса. Еве ќе ја искористам оваа прилика да ги охрабрам девојките од мојата раса да ме исконтактираат на мојот профил @ogithechamp за да се запознаeме подобро.
Аптека Виола: Од досегашниот разговор можеме да закулучиме дека си среќно куче. Има ли нешто што те нервира?
Оги: Секако дека има. Многу ме нервира кога некој ме допира со нога, кучињата од расата Мопс (Pug) и тоа што изминативе два месеци морам да шетам со гас маска поради загадувањето во нашиот град. Поради тоа периодов често одам на Водно и дишам послободно.
Доколку сте наш купувач и имате милениче, испратете ни e-mail ([email protected]) дека сакате да биде дел од VIOLA PET CLUB. Се што ви е потребно е желба и слатко крзнено пријателче. За второто сме сигурни дека е така, што значи дека потребна ви е само желба.